од Вардарски
Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (AFET) остро реагираше на обидите на српските власти за ширење на пропаганда против Бугарија, преку наративи како „шопска нација во Бугарија“ и митот за „Сурдуличките маченици“. Со прифаќањето на две амандмани, предложени од бугарски европратеници, Европскиот парламент јасно ја отфрли оваа историска дезинформација.
Според бугарскиот европратеник Андреј Ковачев од Европската народна партија (ЕНП), сите бугарски членови на AFET ја поддржале иницијативата. Оваа одлука доаѓа во контекст на продолжената кампања од Белград, која преку академски настани, меморијални обележја, филмски проекции и дури и ученички конкурси, шири омраза и нетрпеливост кон Бугарија, со лажни обвинувања за „окупација и злосторства“ за време на Првата светска војна.
Во поширокиот контекст на извештајот, Европскиот парламент остро ја критикува Србија за стагнацијата во клучните реформи поврзани со владеење на правото, слободата на медиумите и борбата против корупцијата. Во документот се посочува дека земјата нема направено значаен напредок во усогласување со надворешната политика на ЕУ, особено во однос на Русија.
Извештајот, кој беше усвоен со 55 гласа „за“, 13 „против“ и 8 „воздржани“, препорачува Европската комисија да го преиспита обемот на финансиската помош за Србија доколку таа продолжи да поддржува антидемократски ставови и да избегнува усогласување со санкциите и политиката на ЕУ.
Документот ја осудува реакцијата на српските власти кон неодамнешните студентски протести, вклучително и обвинувањата дека странски држави-членки на ЕУ стојат зад протестите со цел иницирање „шарена револуција“. Европскиот парламент изразува сериозна загриженост за ограничувањата на граѓанските слободи, нетранспарентноста на институциите и политичкиот притисок врз академската заедница.
Посебен акцент е ставен и на проблемите со медиумската слобода, вклучувајќи ја непрозирната сопственичка структура и финансирање на медиумите.
Извештајот ја нагласува неопходноста Белград да ги почитува претходно постигнатите договори со Приштина, особено во однос на создавањето на Заедница на српски општини во Северно Косово. Исто така се повикува на итна и транспарентна истрага за терористичкиот напад во селото Банска во 2023 година.
Во врска со надворешната политика, Европскиот парламент повторно ја истакна својата позиција дека преговорите за членство на Србија во ЕУ треба да продолжат само ако земјата јасно се усогласи со санкциите на ЕУ кон Русија и покаже сериозен напредок во реформските процеси.
Како клучна порака, европратениците бараат Европската комисија да има појасен и посилен став кон Белград. Извештајот предупредува дека Србија покажува регресија во демократските стандарди и основните права, и дека таквото однесување има дестабилизирачко влијание врз целиот регион на Западен Балкан.
Овој извештај ќе биде претставен како проект-резолуција на пленарната сесија на Европскиот парламент од 5 до 8 мај во Стразбур.