04 февруари 2026
• од Гоце Кически
Пратениците во Европскиот парламент во средата се согласија повторно да го активираат процесот за спроведување на трговскиот договор меѓу Европската унија и САД, две недели откако американскиот претседател Доналд Трамп се откажа од заканите со царини поврзани со Гренланд.
Договорот, постигнат во јули 2024 година меѓу Трамп и претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен, предвидува американските царини за извоз од ЕУ да бидат фиксирани на 15%, додека ЕУ се обврза да ги намали своите царини за американски производи на нула.
Пратениците во Европски парламент, кои треба да го спроведат договорот преку законодавство, го имаа суспендирано процесот откако Трамп им се закани на неколку земји членки со нови царини доколку одбијат да му дозволат на САД да ја преземат данската арктичка територија.
„Членовите на Комитетот за трговија остануваат посветени на забрзување на работата на двете законодавни предлози, под услов САД да го почитуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Унијата и нејзините земји членки, како и условите од Договорот од Трнбери“, изјави германскиот европратеник Бернд Ланге, претседател на парламентарниот комитет за трговија. Тој додаде дека комитетот би можел да гласа за договорот веќе на 24 февруари.
Можно е пленарно гласање да следи во март.
Зад затворени врати, претставници на политичките групи водеа интензивна дебата за следните чекори. Иако мнозинството се согласи да се „одмрзне“ процесот, содржината на договорот останува спорна.
Групите на Социјалистите и демократите, Обнова Европа и Зелените бараат вклучување клаузула што би овозможила суспензија на договорот во случај на нови закани по територијалниот суверенитет на арктичкиот остров. Наспроти нив, најголемата десноцентристичка група Европска народна партија инсистира процесот да продолжи што е можно побрзо за да се обезбеди предвидливост за бизнисите.
„Групата на Европската народна партија се залага за враќање на динамиката во трговските односи меѓу ЕУ и САД преку обезбедување сигурност за европските компании и зајакнување на трансатлантското партнерство“, изјави хрватската европратеничка Жељана Зовко, преговарач на групата.
Таа ја напушти средбата видно вознемирена, коментирајќи: „Овде е како на доделување на награди. Некои глумат ѕвезди, но цената ја плаќаат граѓаните.“
Социјалистите и демократите предлагаат т.н. „клаузула на истек“, според која олеснувањето на царините од страна на ЕУ би истекло по 18 месеци, освен ако експлицитно не се обнови. Европската народна партија, пак, сака оваа клаузула да стапи на сила дури по три години.
Претставничката на Зелените, Ана Кавацини, посочи дека сè уште има отворени прашања.
„ЕУ се соочува со повторени обиди за присила од страна на САД, но земјите членки замижуваат пред оваа реалност. Европскиот парламент мора да одговори на оваа парализа со решителност“, изјави таа.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

