13 април 2026
• од Станча Јаќимовски
Европската Унија треба значително да го зголеми обемот на производство на енергија, вклучително и од нуклеарни извори, изјави денес претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по редовниот неделен состанок на еврокомесарите. Главна тема на состанокот беа последиците од продлабочената криза на Блискиот Исток.
Фон дер Лајен нагласи дека долгорочните решенија се поврзани со поголема електрификација и намалување на зависноста од увоз на фосилни горива. Според неа, од почетокот на нападите врз Иран, Европската Унија веќе платила дополнителни 22 милијарди евра за увоз на фосилни енергенси.
„Дури и ако борбите престанат утре, последиците ќе се чувствуваат долго време,“ предупреди таа, повикувајќи на намалување на потрошувачката на горива. Претседателката на Комисијата ги повтори претходно предложените мерки за справување со растечките цени на енергијата и изрази надеж дека тие наскоро ќе добијат одобрение.
Таа, исто така, повика на тесна координација меѓу земјите членки во однос на полнењето на гасните складишта и користењето на нафтените резерви. Според неа, до крајот на месецот се очекува усвојување на привремени мерки кои ќе овозможат поголема флексибилност во доделувањето државна помош за најпогодените економии.
Фон дер Лајен предупреди дека евентуалното затворање на Ормутскиот теснец би предизвикало огромни економски штети, особено во услови кога дипломатските преговори се во застој. Таа истакна дека секој иден договор мора да ги земе предвид загриженостите поврзани со ракетната и нуклеарната програма на Техеран, како и слободата на пловидба низ теснецот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

