31 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Европска унија во официјално соопштение предупреди дека најновите воени вежби на Кина околу Тајван значително ги зголемуваат тензиите меѓу двете страни на теснецот и носат ризик за меѓународниот мир и безбедност. Според Брисел, мирот и стабилноста во Тајванскиот Теснец имаат стратешко значење не само за регионот, туку и за глобалната безбедност и просперитет.
Ова го изјави портпаролката на Европска комисија, Анита Хипер, која повтори дека Унијата повикува на воздржаност и избегнување на какви било чекори што би можеле дополнително да ја ескалираат ситуацијата. Таа нагласи дека ЕУ охрабрува дијалог меѓу двете страни на теснецот.
„ЕУ има директен интерес од зачувување на статус квото во Тајванскиот Теснец. Се спротивставуваме на сите еднострани дејствија што го менуваат статус квото, особено преку сила или принуда“, истакна Хипер.
Предупредувањето доаѓа откако Кина испали ракети во морските подрачја северно и јужно од Тајван и распореди нови десантни бродови, бомбардери и разурнувачи во рамки на вториот ден од најобемните воени маневри досега. Пекинг ги претстави вежбите како подготовка за можна морска блокада на островот.
Кинеските поморски и воздухопловни сили изведувале симулирани напади врз морски и воздушни цели, како и противподморнички операции во северниот и јужниот дел на островот. Маневрите, под името „Justice Mission 2025“, започнаа 11 дена по објавата на Соединетите Американски Држави за рекорден пакет оружје за Тајван во вредност од 11,1 милијарди долари. Според обемот и близината до островот, ова се најголемите кинески вежби досега.
Висок тајвански безбедносен функционер изјави за Ројтерс дека Тајпе внимателно следи дали ова шесто по ред големо воено учење од 2022 година ќе вклучи и лансирање ракети над територијата на Тајван, како што се случи по посетата на тогашната претседателка на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси.
Според тајванските власти, Кина ги користи вежбите и за увежбување напади врз копнени цели, вклучително и симулации против американски ракетни системи што ги поседува Тајван. Кинеската ракетна артилериска платформа PCH-191, со дострел споредлив со тие системи, според државните медиуми може да погоди која било точка на островот.
Претседателот на Тајван, Лај Чинг-те, изјави дека вооружените сили се во состојба на готовност за одбрана на островот, но нагласи дека Тајпе не бара ескалација. Министерството за одбрана на Тајван потврди дека во вторник наутро биле изведени артилериски стрелби северно од островот и дека остатоци навлегле во прилежната зона на Тајван, на растојание до 24 морски милји од брегот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

