21 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Бог е „многу горд“ од неговите постапки додека ја извршувал функцијата, повикувајќи се на резултатите што ги постигнал во внатрешната и надворешната политика.
Изјавата беше дадена на прес-конференција во Белата куќа, одржана по повод првата годишнина од почетокот на неговиот втор мандат. Трамп нагласи дека изминатите 365 дена биле особено значајни за неговата администрација, со акцент на надворешната политика и улогата на САД на глобалната сцена.
Трамп изјави дека има „многу добри односи“ со францускиот претседател Емануел Макрон и со британскиот премиер Кир Стармер, и покрај неодамнешните критички коментари на социјалните мрежи.
На прашањето дали разговарал со нив по тие објави, Трамп одговори дека не, но додаде дека лидерите секогаш се однесуваат коректно кон него кога се среќаваат лично. Тој ги опиша како „либерални“ и оцени дека треба да се фокусираат на „поправање на сопствените земји“.
Како главни проблеми во Лондон и Париз, Трамп ги посочи имиграцијата и енергетиката. Тој ја критикуваше енергијата од ветер и истакна дека Обединетото Кралство треба подобро да ги користи ресурсите од Северното Море, наведувајќи ја Норвешка како пример за земја што остварува големи приходи од тие ресурси.
Запрашан дали неговиот нов Совет за мир може да ја замени Организација на обединетите нации, Трамп одговори дека тоа е „можно“. Тој оцени дека ООН досега не ја исполнила својата улога, иако, според него, нејзиниот потенцијал е огромен и треба да продолжи да постои.
Советот за мир првично беше претставен како тело фокусирано на ситуацијата во Газа, а Советот за безбедност на ООН во ноември му додели мандат до крајот на 2027 година. Сепак, најновата повелба на Советот, испратена до потенцијалните членови, не ја спомнува Газа и укажува дека САД сакаат ова тело да стане клучен глобален механизам за решавање конфликти.
Трамп истакна дека САД водат и пред Кина и пред остатокот од светот во областа на вештачката интелигенција, благодарение на политиките на неговата администрација. Тој додаде дека земјата произведува повеќе електрична енергија од кога било досега.
Воедно, претседателот изрази надеж дека Врховниот суд на САД ќе ги потврди високите царини воведени од неговата администрација, предупредувајќи дека Кина би имала корист доколку судот донесе одлука против тие мерки.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

