17 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Црна Гора бележи значаен напредок на својот европски пат, откако денес официјално затвори уште пет преговарачки поглавја со Европската Унија. Со тоа, вкупниот број на затворени поглавја достигна 12, што претставува повеќе од една третина од вкупните 33 поглавја и јасен сигнал дека процесот на евроинтеграција влегува во динамична фаза.
Премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, го оцени овој момент како голем успех и резултат на посветена и координирана работа на институциите. Во својата изјава, тој нагласи дека напорите на владата, министрите, пратениците и експертските тимови донеле конкретни и мерливи резултати.
„Денес затворивме пет преговарачки поглавја со Европската Унија, а со вкупно 12 затворени поглавја, поминавме една третина од патот. Влегуваме во 2026 година со многу надеж и ентузијазам, со поголем фокус, меѓуинституционална соработка, доверба и дипломатија“, порача Спајиќ, додавајќи дека иако патот не е секогаш лесен, резултатот е вреден.
Поддршка за напредокот на Црна Гора пристигна и од Брисел. Европската комесарка за проширување, Марта Кос, изјави дека земјата никогаш не била поблиску до членство во Европската Унија. Нејзиното присуство на последната меѓувладина конференција беше дополнителен сигнал за важноста што ЕУ ѝ ја придава на црногорската кандидатура.
Иако сите 33 преговарачки поглавја се веќе отворени, од Европскиот совет потсетуваат дека привременото затворање не значи и нивно конечно завршување. Унијата го задржува правото повторно да се наврати на веќе затворените поглавја доколку се појават отстапувања или потреба од дополнителни усогласувања.
„Следењето на усогласувањето со правото на ЕУ и неговата практична примена ќе продолжи во текот на целиот преговарачки процес“, наведуваат од Советот.
Како претходен значаен чекор, во јуни 2025 година беше затворено и поглавјето за јавни набавки. Владата на Црна Гора најавува амбициозен план – затворање на преостанатите 21 поглавје во текот на следната година, што би ја позиционирало земјата како еден од најнапредните кандидати за членство во Европската Унија.
Со ваквата динамика, Црна Гора ја зацврстува својата позиција на лидер во процесот на проширување и испраќа јасна порака дека европската перспектива останува стратешки приоритет.
ОЈО Скопје отвори предмет за „Зимзоленд“: Се испитува можна општа опасност
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

