27 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Министерството за надворешни работи на Република Бугарија реагираше остро на изјавите на официјално Скопје, оценувајќи ги како нејасни и манипулативни. Реакцијата следува по настапот на министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, во емисијата „Тема на денот“ на телевизијата Сител.
Муцунски изјави дека во изминатиот период постоеле иницијативи од неколку поголеми и повлијателни земји членки на Европската Унија за организирање средба меѓу него и неговиот бугарски колега, Георг Георгиев. Според него, на тие иницијативи не следел позитивен одговор од страна на Бугарија.
Во официјалната реакција, Бугарското МНР изрази длабоко разочарување од, како што наведува, континуираниот неконструктивен пристап на официјално Скопје и од недоволната транспарентност во комуникацијата со јавноста. Од таму потенцираат дека ова не е првпат македонската страна да изнесува тврдења кои, според Софија, се нејасни и манипулативни.
Од Министерството потсетуваат дека Европскиот консензус од 2022 година е усвоен со едногласна поддршка од сите земји членки на Европската Унија, како и од Република Северна Македонија. Во тој контекст се нагласува дека дијалогот за европската интеграција е институционален и се води меѓу земјата кандидат и Европската Унија, а спроведувањето на преземените обврски зависи исклучиво од Скопје.
„Отсекогаш сме биле отворени за искрен и отворен дијалог по сите останати прашања“, се наведува во соопштението, при што се додава дека министерот Муцунски покажува неподготвеност да се вклучи во таков дијалог и во практика. Како пример се посочува одбиената покана за негова посета на Софија на 25 ноември 2025 година, по повод одбележувањето на делото на Свети Климент Охридски, значајна историска личност поврзана со заедничкото културно наследство на двете држави.
Во врска со забелешките на Муцунски за ставот на Бугарија кон предложениот план за правата на заедниците, од Бугарското МНР потсетуваат дека истиот бил одбиен од страна на бугарската заедница во Северна Македонија како неприфатлив, поради отсуство на основни принципи за гарантирање на човековите права. Од таму додаваат дека очекуваат легитимните барања на нивните сонародници во земјата да бидат соодветно разгледани.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

