Бугарскиот премиер Росен Жељазков: Членството во еврозоната е европска обврска и економска шанса
Премиерот на Бугарија, Росен Желјазков, ја потврди цврстата посветеност на неговата земја кон членството во еврозоната, истакнувајќи дека тоа е дел од европскиот пат кој Бугарија одамна го избрала.
Желјазков потсети дека со ратификацијата на Договорот за пристапување во ЕУ, Бугарија ја презела обврската да се приклучи кон паричната унија, односно еврозоната. Народното собрание, како легитимно избрано тело, веќе донело сите потребни одлуки за тоа. Дополнително, Уставниот суд на Бугарија во 2024 година донел одлука дека одржување референдум за влезот во еврозоната е уставно недозволиво.
„Дали земјата е подготвена за еврозоната, тоа го утврдуваат конвергентните извештаи на Европската комисија и Европската централна банка,“ рече Желјазков.
Премиерот истакна дека владата продолжува со напорите за влез во еврозоната, посочувајќи ги бројните придобивки: намалување на сивата економија, зголемување на конкурентноста, стабилизација на јавните финансии, намалување на каматните стапки, зголемување на довербата кај инвеститорите и други економски придобивки. „Но, најважната придобивка е што демократијата нема да има алтернатива,“ нагласи тој.
Желјазков остро го критикуваше бугарскиот претседател Румен Радев, обвинувајќи го дека ги користи прашањата околу еврозоната за свои политички цели, со што внесува неизвесност и недоразбирање во европските институции.
На крај, премиерот ги повика сите пратеници во 51-то Народно собрание да ја докажат својата посветеност на европската интеграција на Бугарија со тоа што ќе гласаат за приклучување кон еврозоната.