Бугарскиот премиер: Папа Лав XIV е духовен водач кој се издигнува и како дипломат
Папа Лав XIV е ангажиран проповедник кој сè повеќе ќе влегува во улогата на дипломат, изјави бугарскиот премиер Росен Желјазков по својата аудиенција со папата во Ватикан.
Желјазков ја опиша средбата како многу интересна и исполнета со отворен и човечки разговор. Тој истакна дека за бугарската делегација е голема чест што се првите официјални претставници што го посетуваат Папа Лав XIV на почетокот на неговиот понтификат.
Во знак на пријателство и духовна врска, премиерот му подари на папата омофор од Бугарија, украсен со симболот на „Добриот пастир“.
„Разговаравме за важни теми – од верата, преку европската агенда, до војната во Украина. Ватикан има суштинска улога како посредник во мировните преговори, и тоа е од огромно значење за сите засегнати страни“, истакна Желјазков.
Во разговорот биле опфатени и предизвиците поврзани со развојот на вештачката интелигенција и потребата да се сочуваат човечките доблести во дигиталната ера. Желјазков го информирал папата и за актуелните прашања што ја засегаат црковната заедница во Бугарија.
„Му раскажав за мојата посета на Киев, каде што сведочев на деца во бомбоубежишта како играат воени игри. Тоа е аларм дека без вградување на вредности во образованието, тие деца можат да станат идни војници. Разговорот со папата беше длабоко човечки и исполнет со разбирање“, додаде премиерот.
Желјазков подвлече дека дипломатската улога на Ватикан е јасно изразена и заслужува внимание од сите страни. Тој изрази надеж дека и руската страна ќе ја прифати оваа неутрална, но хуманитарно и хумано ангажирана платформа како вистински мост за постигнување и на привремено, и на трајно решение.