22 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Бугарија започнува нова фаза на модернизација и зајакнување на своите одбранбени капацитети преку реализација на значајни инвестициски проекти, соопшти министерот за одбрана во оставка Атанас Запрајанов по седницата на Министерскиот совет.
Владата одобри проект за набавка на крајбрежен противбродски ракетен комплекс од САД, како и договор со Италија за заедничка изградба на инфраструктура за распоредување на мултинационалната борбена група на НАТО.
Проектот за набавка на ракетниот систем вклучува два договори – еден за испорака на самиот систем во вредност од 205 милиони американски долари и втор за систем за команда и управување, вреден нешто повеќе од 3 милиони долари. По денешната одлука, проектот ќе биде доставен на одобрување во Народното собрание, по што Министерството за одбрана ќе ги потпише договорите.
Договорите ќе се склучат по моделот „влада со влада“, а главните плаќања се предвидени за периодот 2029–2030 година, со краен рок за реализација до 2030 година. Со оваа одлука започнува уште еден проект за модернизација на Бугарската армија, кој се реализира со национално финансирање и е дел од Инвестициската програма за превооружување и Програмата за развој на одбранбените способности до 2032 година.
Запрајанов потсети дека минатата недела е започнат и проектот за набавка на противмински бродови од Белгија и Холандија.
Дополнително, Министерскиот совет го одобри и билатералниот договор меѓу Бугарија и Италија, потпишан пред Божиќ со италијанскиот министер за одбрана, Гуидо Крозето. Со договорот се предвидува заедничка изградба на објекти за распоредување на мултинационалната борбена група на НАТО, која моментално е стационирана во реонот на полигонот „Ново село“.
Новото постројување ќе се гради во областа Кабиле во две фази – најпрво за привремено, а потоа и за трајно распоредување на борбената група. Изградбата на привремената инфраструктура ќе започне заеднички со италијанската страна.
Договорот овозможува италијанските вооружени сили и Министерството за одбрана на Италија да инвестираат на територијата на Бугарија, во согласност со бугарското законодавство и по ратификација во Народното собрание. Според Запрајанов, моделот е сличен на постојните договори меѓу Бугарија и САД за заеднички објекти како „Ново село“ и воздухопловната база „Граф Игнатиево“.
Министерот истакна дека ваквиот пристап овозможува со поограничени финансиски средства да се постигнат подобри резултати, преку оптимална распределба на одговорностите меѓу земјата-домаќин и рамковата држава на борбената група на НАТО.
Бугарија привлекува нова голема инвестиција: 10 милиони евра за фабрика во Бургас
77 милиони денари за храна во Идризово, студентите добиваат трипати помалку
„Стратешко партнерство“: Македонија без покана од Трамп за „Одборот за мир“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

