22 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Иако македонската влада во изминатиот период често зборуваше за блискост и „стратешко партнерство“ со САД, Северна Македонија не доби покана за учество во т.н. „Одбор за мир“ – нова меѓународна иницијатива на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. За разлика од неа, Бугарија е меѓу државите што се најдоа на списокот на поканети.
Од Владата соопштија дека „до овој момент“ до премиерот не пристигнала официјална покана за приклучување кон Одборот, а засега нема ниту јавно изјаснување од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Ова отсуство на реакција дополнително ја засилува дилемата околу реалната позиција на С. Македонија во односите со актуелната американска администрација.
Контрастот станува уште поизразен ако се има предвид дека Бугарија не само што е поканета, туку и доби клучна улога во новата структура. За „Висок претставник на Одборот за мир“ е именуван бугарскиот дипломат Николај Младенов, кој ќе го надгледува процесот на транзиција на власта во Газа – од Хамас кон палестинска технократска администрација.
Во регионот, покана не добила Србија, додека Косово, иако не беше дел од првичниот список, јавно даде поддршка на иницијативата. Косовската претседателка Вјоса Османи соопшти дека нејзината земја ја прифаќа поканата како потврда на силното сојузништво со САД.
Поканата безрезервно ја прифати и Белорусија, додека од Италија доаѓаат информации дека премиерката Џорџа Мелони се обидува да најде начин да се дистанцира од иницијативата, иако првично ја поздравила. Меѓу лидерите кои веќе потврдиле учество се и премиерите на Хрватска, Албанија и Словенија.
Според досегашните објави, списокот на поканети земји – кој сè уште не е конечен – опфаќа повеќе од 60 држави и меѓународни актери од Европа, Азија, Африка и Америка, како и Европската комисија. На него, сепак, не се наоѓа Северна Македонија.
Паралелно со ова, Белата куќа најави и формирање Извршен комитет за Газа, кој ќе соработува со Канцеларијата на високиот претставник и со новоформираната палестинска технократска администрација – Национален комитет за управување со Газа.
Во ваков контекст, фактот што Бугарија е поканета, а С. Македонија изоставена од оваа значајна меѓународна иницијатива, повторно го отвора прашањето за ефективноста на македонската надворешна политика и за тоа колку прокламираното „стратешко партнерство“ со САД се преточува во конкретно политичко влијание на меѓународната сцена.
Бугарија привлекува нова голема инвестиција: 10 милиони евра за фабрика во Бургас
77 милиони денари за храна во Идризово, студентите добиваат трипати помалку
„Стратешко партнерство“: Македонија без покана од Трамп за „Одборот за мир“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

