19 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Бугарија и Соединетите Американски Држави воспоставија засилена соработка во борбата против нелегалната трговија со фентанил и други синтетички опиоиди. Американската Агенција за борба со наркотиците (DEA) реализира партнерство со Министерството за внатрешни работи на Бугарија со цел подобрување на капацитетите за откривање и неутрализирање на овој опасен наркотик, соопштија од Амбасадата на САД во Софија.
Во рамките на дводневна програма, старшиот судски хемичар на DEA, Џонатан Дафи, одржа специјализирана обука за експертите-хемичари од МВР и Агенцијата за царини. Тој демонстрираше брзи, сигурни и безбедни методи за тестирање на фентанил, како и практични лабораториски прегледи. Дополнително, американскиот специјалист даде насоки за постигнување акредитација според ISO/IEC 17025 – меѓународен стандард кој гарантира точност и доверливост на лабораториските испитувања.
В.д. амбасадор на САД во Софија, Х. Мартин Макдауел, истакна дека фентанилот претставува сериозна закана и за американското и за бугарското општество. Според него, обуката значително ќе ја зголеми способноста на бугарските институции да спречат навлегување или транзит на синтетички дроги кон други држави, вклучително и кон САД.
Аташето на DEA во Бугарија, Скот Капороси, нагласи дека новите методи за анализа овозможуваат поефикасно судско гонење, подобра слика за местото на Бугарија во глобалниот синџир на снабдување со наркотици и можност за идентификација на потеклото на дрогата. „Ова е суштинска алатка за локалните органи на редот, која им помага да бидат чекор пред шверцерите“, рече тој.
Министерот за внатрешни работи, Даниел Митов, им се заблагодари на организаторите и учесниците во програмата, потврдувајќи дека МВР е целосно посветено на борбата против трговијата и ширењето на наркотиците. „Нашата цел е да изградиме цврста бариера против навлегувањето на фентанил во цела Европа,“ изјави Митов.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден