Бугарија и Грција потпишаа заедничка декларација за водите на Арда
Бугарија и Грција потпишаа заедничка декларација за користењето на водите од реката Арда, јави денеска грчкото Министерство за надворешни работи. Од бугарската страна, официјална потврда сè уште нема.
Според соопштението на Грција, вчера министрите за надворешни работи Јоргос Герапетритис и Георг Георгиев ја потпишале декларацијата, која е резултат на преговори меѓу двете министерства, координирани и со ресорите за животна средина, енергетика, рурален развој и храна.
Договорот обезбедува Бугарија во наредните пет години да испорачува доволно количини вода, со што ќе се гарантира непречено функционирање на системите за наводнување и земјоделско производство во граничниот грчки регион Еврос, по истекот на досегашниот 60-годишен меѓудржавен договор.
На 30 април бугарската влада донесе одлука за одобрување на проектот за оваа заедничка декларација. Со него, Бугарија се обврзува да ја обезбеди услугата „акумулирање, складирање и регулирано снабдување со водни количини“ од Арда сè до модернизацијата или изградбата на нов регулациски систем на грчка територија, во период од пет години од потпишувањето.
По тој период, двете земји изразија подготвеност повторно да ги разгледаат условите за користење на водите од Арда. Грчката страна, пак, се обврза дека ќе преземе неопходни чекори за надоместување на трошоците за услугите што ги обезбедува Бугарија.