08 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Бугарија бележи значаен успех во областа на енергетиката и индустриската соработка со светски лидери. Американската компанија Westinghouse Electric Company, чија технологија AP1000 ќе се користи за изградба на два нови нуклеарни реактори во АЕЦ „Козлодуй“, објави дека ја направила првата нарачка до бугарски добавувач како дел од проектот.
Нарачката е доделена на корабостроителницата „МТГ-Делфин“ АД, која ќе работи на развој на програма за обезбедување на нуклеарен квалитет според меѓународниот стандард NQA-1, подготовка на инженерска документација, како и потенцијално производство на макета на конструктивен модул од типот AP1000 CA.
Ова претставува голем чекор за бугарската индустрија, која покажува дека располага со високотехнолошки капацитети и експертиза во сложени системи, неопходни за проекти од ваков обем. Учеството на бродоградилишта во нуклеарни проекти не е изненадување, имајќи предвид дека тие се специјализирани за производство на големи метални компоненти и технолошки сложени структури.
Во официјалното соопштение од Westinghouse се нагласува дека оваа соработка може да отвори врати за „МТГ-Делфин“ АД и во други проекти на компанијата – не само во Европа, туку и на глобално ниво.
До сега, Westinghouse потпиша меморандуми за соработка со 30 бугарски добавувачи, како дел од подготовките за реализација на новите нуклеарни капацитети.
„Westinghouse се обврза да изгради мрежа од висококвалификувани бугарски добавувачи во поддршка на проектот за нови нуклеарни капацитети во Козлодуј, како и за други проекти со технологијата AP1000 во Европа и светот“, изјави Дан Липман, претседател на одделот за енергетски системи во Westinghouse.
Овој потег е потврда за силниот капацитет на бугарската индустрија да биде конкурентна на глобалната сцена. Со ангажирање на локални компании, се зајакнува економијата, се создаваат работни места и се поттикнува развојот на високотехнолошки сектор.
Бугарија докажува дека може да биде клучен играч во енергетската трансформација на Европа, преку партнерства со водечки светски компании и вложувања во безбедна, одржлива и напредна нуклеарна енергија.