29 јули 2025
• од Станча Јаќимовски
Украинската државна енергетска компанија „Нафтогаз“ го потпиша првиот договор за набавка на природен гас со азербејџанската компанија SOCAR. Првата пробна испорака е веќе реализирана преку Трансбалканскиот гасовод, кој минува низ Бугарија и Романија, директно во Украина – заобиколувајќи ја руската инфраструктура, објави OilPrice.com.
Оваа испорака ја означува официјалната влезна точка на Украина во Трансбалканската гасна мрежа, не само како транзитна земја, туку и како увозник на гас. Главниот извршен директор на „Нафтогаз“, Сергеј Корењски, ја нарече зделката „мала по обем, но стратешки значајна“, бидејќи го означува почетокот на долгорочното партнерство со SOCAR и со целиот регион.
Иако не беа откриени прецизни количини или ценовни детали, украинските и азербејџанските власти гледаат на овој договор како темел за подлабока енергетска интеграција.
Покрај ова, двете влади неодамна потпишаа и заедничка патна карта за проширување на билатералната соработка во гасниот сектор. Ова, потенцијално, ќе му овозможи на Азербејџан да ги користи обемните подземни складишта на гас во Украина, како и да го зголеми извозот на гас кон Европската Унија преку Романија.
Трансбалканскиот гасовод, кој првично беше изграден за снабдување со советски, а потоа и руски гас во јужна насока, во последните години е реконфигуриран за обратни текови. Ова го отвора патот за снабдување на Украина и Југоисточна Европа со неруски гас – стратегија што сè повеќе добива на значење.
Киев планира се поголемо потпирање на азербејџанскиот гас и на американскиот втечнет природен гас за стабилизирање на зимските резерви.
Оваа зделка носи и долгорочни импликации за енергетската поставеност во Црноморскиот регион. Со SOCAR која се стреми да го прошири своето присуство во Европа и со Украина која активно бара диверзификација на своите снабдувачи, овој коридор има потенцијал да се трансформира во постојана артерија за азербејџански гас – особено ако физичките капацитети и трговските услови се покажат како одржливи.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден