19 јули 2025
• од Станча Јаќимовски
Украина го прими првиот контингент тенкови од Австралија, објави „Гардијан“. Станува збор за дел од ветувањето кое австралиската влада го даде во октомври 2024 година, кога Канбера најави дека ќе ѝ испрати на Украина 49 тенкови „Ејбрамс“ во вредност од 245 милиони долари.
Министерот за одбрана на Австралија, Ричард Марлс, изјави дека овие тенкови ќе ја засилат огнената моќ на украинската армија и ќе ја дополнат воената помош која Украина ја добива од другите сојузници во борбата против руската инвазија. Тој нагласи дека Австралија останува цврсто посветена на поддршката на Украина и на стремежот за праведен и долготраен мир.
Поголемиот дел од тенковите се веќе испорачани, а последната испорака се очекува во наредните месеци. Сепак, точниот број на испорачани борбени возила не е официјално соопштен.
Дополнително, Австралија планира во август да распореди воен авион тип „Wedgetail“ во Европа, со цел да ги заштити логистичките коридори преку кои се доставува помошта за Украина. „Австралија стои рамо до рамо со Украина“, изјави министерот за одбранбена индустрија, Пат Конрој.
Од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, Австралија досега има доделено над 1,5 милијарди долари помош за Украина.
Во исто време, австралиската влада преговара за необврзувачки безбедносен пакт со Украина, следејќи го примерот на повеќе од дваесетина други земји кои веќе имаат слични договори. Овие договори се генерално нејасни, не се правно обврзувачки и не вклучуваат заеднички безбедносни или одбранбени гаранции. Соработката меѓу Австралија и Украина најверојатно ќе вклучува воена помош и стратешка поддршка.
Покрај тоа, во подготовка е и втор договор, кој ќе има за цел да го укине двојното оданочување, со што ќе се поттикнат инвестициите и ќе се поддржи обновата на Украина по разорната војна.
Костова: Народот тоне во сиромаштија, ВМРО-ДПМНЕ со очајни економски резултати