06 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Албанија е на праг да ги заврши сите преговарачки поглавја со Европската унија, со што ќе направи голем исчекор кон своето целосно членство.
На 16 септември ќе се одржи меѓувладина конференција меѓу Албанија и Европската унија, на која ќе биде отворена групата поглавја од областа „Зелена агенда“. Веќе на 2 септември земјата ја поднесе својата преговарачка позиција за оваа група, што го овозможи официјалното потврдување на датумот за конференцијата.
Покрај тоа, на 2 октомври ќе се одржи уште една меѓувладина конференција, на која ќе биде отворена и последната група поглавја – „Земјоделство и кохезија“. Со ова ќе се заокружи отворањето на сите поглавја во процесот на пристапување кон Унијата.
Медиумите оценуваат дека оваа есен се исполнува една од најважните обврски на Албанија во евроинтегративниот процес – целосното отворање на групните поглавја. Но, како што се нагласува, вистинскиот предизвик допрва претстои: нивното затворање. Овој процес бара долг период на консултации, усогласување и приближување на националното законодавство со европското.
Албанија досега има отворено четири од шесте групи поглавја: „Основи“ (најважните и последни што се затвораат непосредно пред членството), „Надворешни односи“, „Внатрешен пазар“ и „Конкурентност и сеопфатен раст“.
Со отворањето на преостанатите две, земјата ќе ја заокружи првата голема фаза на евроинтеграциите.
Албанската влада јавно ја изразува својата амбиција земјата да стане полноправна членка на ЕУ до 2030 година. Сепак, комесарката за проширување Марта Кос покажа уште поголем оптимизам, наведувајќи дека земјата може да го постигне членството и до 2029 година.
Овој развој на настаните ја става Албанија во групата на земји од Западен Балкан што значително напредуваат кон европското семејство, со јасна цел – да се приближат до европските стандарди и да обезбедат посигурна и просперитетна иднина за своите граѓани.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден