04 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Македонската кошаркарска репрезентација до 18 години со болен пораз од 87-90 против Бугарија го заврши настапот на Европското првенство и се прости од елитното друштво – А-дивизијата. Мечот кој носеше опстанок беше вистинска драма до последните секунди, но на крајот пресуди психолошкиот пад во клучниот момент од натпреварот.
Избраниците на Горан Андреевски влегоа мотивирано и добро ја отворија првата четвртина, поведувајќи со 24-17, но дозволија Бугарите да се вратат во ритам и периодот заврши со само +3 (25-22). Во втората четвртина македонските надежи повторно поведоа со 39-30, но следуваше нов пад во концентрацијата, кој ривалот го искористи и на полувреме замина со водство од 41-44.
Третата четвртина донесе динамична и неизвесна кошарка. Бугарија поведе со +7 (47-54), но нашите млади кошаркари се вратија во игра и пред последниот период имаа само еден поен негатива (66-67). Македонија двапати минимално водеше, последен пат со 70-69, по што следуваше кобна „црна дупка“ и серија на Бугарите од 0-17. Со резултат 70-86 се чинеше дека сè е готово, но Андреевски ги разбуди своите играчи, кои возвратија со серија од 14-0 и стигнаа до 84-86.
Сепак, еден момент ја одлучи судбината – Ивајло Скрински погоди невозможна тројка од десет метри на истекот на нападот и ја врати предноста на +5 за Бугарија. Иако имаше уште обиди и драма во последната минута, македонската селекција не успеа да се избори за продолжение или целосен пресврт.
Најефикасен во нашиот состав беше Дарјан Димовски со 29 поени, блеснаа и Никола Јаничиќ со 19 и Дамјан Данев со 18. Кај Бугарија, херојот Скрински заврши со 20 поени.
Македонија го заврши првенството на 14. позиција и следната година ќе се натпреварува во Б-дивизијата.