Скандалозни сцени во Нови Пазар: Наместо минута молк за жртвите, свирежи и провокации
Нови Пазар синоќа го совлада Партизан со 2-1 во меч од плејофот на српската Суперлига, но спортскиот дел остана во сенка на серија инциденти и скандалозно однесување на домашните навивачи.
Средбата требаше да започне со едноминутен молк во чест на жртвите од трагедијата во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград, од која се одбележуваше годишнина, како и за жртвите од масакрите во селата Дубона и Мало Орашје од пред две години. Но, дел од навивачката група „Торцида Санџак“ од Нови Пазар почна да свири и да урла, попречувајќи го одбележувањето на минутата молк. Судијата, слушајќи го непочитувањето, реши да ја прекине оваа церемонија.
Контроверзиите продолжија и за време на мечот, кога навивачите на Нови Пазар поставија кореографија со натпис „Никогаш нема да бидеш сам“. Иако на лентите немало навредливи пораки, поставувањето на транспарентите ја попречи видливоста на камерите што се користат во ВАР собата, поради што натпреварот беше прекинат на кратко.
Српските медиуми дополнително известуваат за провокации меѓу навивачките групи. Навивачите на Нови Пазар скандирале „Ова е Турција“, на што навивачите на Партизан одговарале со извици на името на Ратко Младиќ, војниот злосторник од Босна.
Оваа средба уште еднаш го отвори прашањето за безбедноста на стадионите и однесувањето на навивачите во српскиот фудбал. Очекувано, случајот ќе биде предмет на истрага од страна на фудбалските и државните институции.