07 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Фудбалскиот клуб Шкупи се соочува со сериозен проблем непосредно пред стартот на новата сезона во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). Според правилникот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), секој клуб мора да има пријавено најмалку 15 професионални договори за да може да учествува во натпреварувањето. До овој момент, клубот од Чаир сè уште не ги исполнил овие основни услови.
Овој пропуст го става под знак прашалник одигрувањето на дербито од првото коло помеѓу Шкендија и Шкупи, закажано за петок од 17 часот. Доколку Шкупи не ги достави потребните договори до ФФМ во следните 24 часа, натпреварот е сериозно загрозен, а со тоа и целиот настап на клубот во сезоната 2025/26.
Покрај ова, клубот има и дополнителни технички потешкотии. Стадионот во Чаир не ги исполнува стандардите за функционирање на ВАР-системот, што значи дека Шкупи нема да може да биде домаќин на својот терен. Доколку ги среди документите за фудбалерите, тимот ќе мора да избере алтернативен стадион за домашните натпревари.
Навивачите и фудбалската јавност со нетрпение очекуваат дали Шкупи ќе успее да ги реши административните и инфраструктурните проблеми и да ја започне сезоната без дополнителни компликации.