07 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Најавите за голема американска инвестиција во ФК Победа од Прилеп останаа само на зборови. Долгата сага околу наводниот нов почеток за прилепскиот фудбалски клуб завршува без конкретна реализација, откако лицата кои беа споменувани како идни лидери на клубот – веќе не се дел од фудбалските случувања во Прилеп.
Еден од клучните актери во најавената трансформација, Сашо Попоски, кој требаше да стане нов спортски директор, сега има нов ангажман на Блискиот Исток како помошник-тренер. Со тоа, целата приказна за нов почеток под американско покровителство сè повеќе личи на уште едно во низата нереализирани ветувања.
Во Прилеп веќе подолго време се зборуваше за нов американски спонзор, претставен преку Попоски, кој ги презеде акциите на клубот. Но, раководењето со клубот очигледно не беше дел од договорот. Според достапни информации, главна причина за повлекувањето на инвеститорите се наводно високите долгови на Победа, иако официјално сметката на клубот не е блокирана.
Во ваква неизвесна и тешка ситуација, Општина Прилеп повторно презема одговорност и се вклучува како спасител. Со финансиска поддршка од еден милион денари, локалната самоуправа му дава шанса на клубот барем да започне подготовки за новата сезона.
Сопственичката на акциите, Јана Мицковска Попоска – инаку сопруга на Сашо Попоски, формално останува заведена како сопственик во Централниот регистар. Нејасно е дали акциите ќе бидат вратени на општината или пак ќе се појави нов заинтересиран преземач.
Колкави се долговите на ФК Победа и дали некој реално ќе се справи со нив – засега останува без одговор. Но, она што е јасно е дека локалната власт повторно ја презема улогата на клучен поддржувач на фудбалот во Прилеп. Судбината на Победа сè уште виси во неизвесност, но барем за момент клубот добива здив – благодарение на градот.