13 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Кошаркарската репрезентација на Македонија го запиша и третиот пораз во претквалификациите за Светското првенство 2027, овојпат на гостувањето во Орадеа против селекцијата на Романија со 79-66. Со овој резултат, „црвено-жолтите“ и теоретски ги загубија шансите за пласман во следната рунда, а преостанатиот меч против Унгарија дома ќе има само ревијален карактер. Единствено сценарио што би можело да го продолжи македонскиот пат кон СП е победа над Унгарците со најмалку 39 поени разлика и истовремено триумф на Романија над истиот ривал – ситуација која останува во доменот на „лудата теорија“.
Селекторот Марјан Илиевски направи две измени во стартниот состав – шанса за настап добија Миловановиќ и Василевски, кои за првпат имаа позначајна улога во сениорскиот тим. Поради повреда од составот отпадна Мекиќ. Натпреварот започна израмнето, со резултат 11-11, но потоа домаќините фатија ритам и направија серија за водство од 19-11, а првата четвртина ја завршија со 26-19.
Во вториот период, Македонија постојано бркаше негатива, но без реална закана за пресврт. Неколку прецизни и тешки шутеви на Романците пред полувремето им обезбедија двоцифрена предност (45-34), која ја одржуваа и во третата четвртина. Најголемото приближување на нашата селекција беше во четвртиот период, кога резултатот се намали на 64-61, но серијата тројки на домаќините ја запечатија нивната победа.
Најдобар стрелец за Македонија беше Џејкоб Вајли со 19 поени и девет скока, а Андреј Магдевски додаде 15 поени. Двоцифрен ефект имаше и Андреј Митревски со 11 поени. Кај Романија, Стефан Грашу блесна со 20 поени.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден