16 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Фудбалскиот клуб Башкими (прволигаш) и Кожуф (второлигаш) се соочуваат со историски санкции и можно исфрлање во најнизок ранг, откако Министерството за внатрешни работи (МВР) официјално потврди дека нивниот меѓусебен натпревар од крајот на минатата сезона бил местен. Кумановци тогаш во Гевгелија победија со 2-1, а истрагата открила сериозни неправилности.
МВР соопшти дека се поднесени кривични пријави против седум лица – претседателот и еден фудбалер на Башкими, спортскиот директор, тројца фудбалери и тренерот на Кожуф. Ова укажува дека случајот е далеку посериозен од индивидуални прекршувања и дека во местенката биле вклучени клучни фигури од двата клуба.
Според Дисциплинскиот правилник на ФФМ, за вакви прекршоци следуваат одземање од 3 до 9 бодови, високи парични казни, а со оглед на тежината на случајот и бројот на инволвирани лица, можно е двата клуба да бидат испратени во најнискиот ранг на натпреварувањето.
„Очекуваме целосни извештаи од официјалните лица. Нема да има заштитени – секој кој го нарушил интегритетот на натпреварувањето ќе одговара. Нашата цел е јасна: фудбал без дамка и резултати што се решаваат на терен, а не зад кулисите,“ порачаа од ФФМ, додавајќи дека ќе преземат ригорозни мерки за враќање на довербата во македонскиот фудбал.
Паралелно со ФФМ, и Министерството за спорт најави дека доколку се потврдат сомнежите, двата клуба ќе останат и без лиценца за спортска дејност. „Ќе ги почекаме извештаите, а потоа ќе постапиме по итна постапка,“ изјави министерот Борко Ристовски.
Башкими сезонава ја започна во Првата лига и во првото коло одигра реми со Арсими, додека Кожуф допрва треба да настапи во Втората лига. Но, неизвесноста околу санкциите сериозно ја доведува во прашање нивната иднина во организираниот фудбал под капата на ФФМ.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден