Пекинг револтиран од посетата на германската министерка на Тајван
Кина жестоко реагираше на посетата на германската министерка за развојна помош Бетина Старк-Ватцингер на Тајван, прва посета на член на германската влада по 26 години.
На германскиот амбасадор во Пекинг му доставивме силна протестна нота, соопшти Министерството за надворешни работи на Кина.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи претходно ја опиша посетата на Старк-Ватцингер на Тајван како чин без преседан.
Германската влада треба да се држи до принципот „една Кина“ и веднаш да ги прекине активностите со тајванските сепаратистички сили и да престане да им испраќа охрабрувачки сигнали, се вели во протестната нота од Пекинг, кој го смета Тајван за отцепена провинција и дел од Кина.
Во Тајван, Старк-Ватцингер потпиша договор за соработка меѓу Германија и Тајван во областа на науката и технологијата со министерот за наука Цунг-Цонг Ву.
Во тајванските медиуми првата посета на член на германската влада по 1997 година беше претставена како историски настан.
Германија нема дипломатски односи со Тајван. Старк-Ватцингер рече дека посетата на Тајван служи за професионална размена на мислења, а во изјавите за локалните медиуми ја минимизирала политичката димензија на нејзиниот престој во Тајван.
Германското Министерство за надворешни работи соопшти дека е земена предвид протестната нота од Пекинг. Истовремено, беше објавено дека посетата на Старк-Ватцингер е во согласност со придржувањето на Германија до принципот на политиката „Една Кина“.
Последниве години имаше средби меѓу Германија и Тајван на министерско ниво, но овие состаноци се одржуваа или во Германија или во трети земји.