Француската влада го преживеа гласањето за недоверба, но предизвиците остануваат
Владата на претседателот Емануел Макрон тесно го преживеа денеска гласањето за недоверба во Националното собрание, откако го заобиколи Долниот дом на парламентот за да ја спроведе исклучително непопуларната пензиска реформа.
За предлогот на трите партии гласаа 278 пратеници, нешто помалку од потребните 287.
Втората иницијатива за недоверба, поднесена од екстремно десничарското Народно собрание, немаше шанса бидејќи другите опозициски партии не гласаа за неа.
Доколку и беше изгласана недоверба на владата, ќе паднеше и законот со кој се зголемува старосната граница за пензионирање за две години на 64 години.
Но, дури и откако владата беше одбранета, неуспехот на Макрон да обезбеди мнозинство во парламентот за усвојување на пензиските реформи ја поткопа неговата реформска агенда и го ослабна неговото раководство, велат набљудувачите.
Насилни немири поради реформите избувнаа низ целата земја во последните денови и синдикатите најавија нови штрајкови, оставајќи го Макрон соочен со најголемиот предизвик за неговото владеење од бунтот на „Жолтите елеци“ пред повеќе од четири години.