Бајден има намера да ја посети Северна Ирска на годишнината од мировниот договор
Американскиот претседател Џо Бајден во понеделникот изјави дека ја прифатил поканата од британскиот премиер Риши Сунак да ја посети Северна Ирска во април на 25-годишнината од Договорот од Велики петок, кој во голема мера стави крај на 30-годишниот конфликт во Северна Ирска.
На самитот по повод започнувањето на следната фаза од договорот за одбрана на АУКУС меѓу САД, Австралија и Британија, Сунак го праша Бајден дали ќе присуствува на прославата.
- Со нетрпение ги очекувам нашите разговори и, што е исто така важно, да ве поканиме во Северна Ирска. Се надеваме дека ќе дојдете за да можеме да ја одбележиме годишнината од Договорот на Велики петок, рече Сунак на почетокот на билатералната средба во поморската база Поинт Лома на американската морнарица во Сан Диего.
- Знам дека тоа е нешто многу посебно и лично за тебе, изјави Сунак.
- Би сакале да дојдете, додаде тој.
Бајден одговори дека неговата намера е „да оди во Северна Ирска и Република (Ирска)“.
Договорот од Велики петок е мировен договор кој во голема мера стави крај на „Неволјите“ - тридецениското насилство во Северна Ирска меѓу католичките ирски националисти и протестантските унионисти.
Договорот беше потпишан на 10 април 1998 година, делумно со посредство на администрацијата на тогашниот американски претседател Бил Клинтон.
Во последните месеци, годишнината беше во сенка на фактот дека најголемата партија на северноирските унионисти го бојкотира парламентот чија структура е дел од мировниот договор.
Тие го направија овој потег поради трговските правила по Брегзит кои ја третираат Северна Ирска поинаку од остатокот од ОК.