Американскиот амбасадор ја охрабрува Србија да се усогласи со ЕУ и да воведе санкции кон Русија
Американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил, денеска ја охрабри Србија да им се придружи на западните земји во нивниот однос кон Русија и нејзината инвазија на Украина и да ја усогласи својата надворешна политика со Европската унија.
- Речиси сите земји во светот зазедоа став дека на Русија не треба да и се дозволи да продолжи да го прави тоа што го прави во Украина, изјави Хил за новинарите, изразувајќи надеж дека и Србија ќе им се придружи на овие земји.
– Ако е потребно да се проголта горчливо апче, подобро е да се направи тоа сега, рече американскиот амбасадор во разговор со новинарите при посетата на Институтот за мајка и дете во Нов Белград.
Изјавувајќи дека Србија е на пат кон Европската унија (ЕУ), Хил ги повтори претходните пораки од Брисел до Белград дека треба да ја усогласи својата надворешна и безбедносна политика со Унијата.
Претходната оценка на Хил дека „Србија само страда“ од избегнувањето да се приклучи кон мерките на западните земји кон Русија, десничарската опозиција ја оцени како најава за нов политички чекор на владата на Александар Вучиќ.
Десното крило на српската политичка сцена и ултранационалистите го обвинуваат Вучиќ дека се согласил со воведување санкции против Русија и на тој начин го „исполнил тоа барање на Западот“ и дека се согласува на „политика на уцена што ќе следи една по друго“ и во однос на прифаќањето на европскиот план за Косово, кој сугерира заемно признавање и членство на Косово во меѓународните организации.
Српскиот лидер Александар Вучиќ до сега игнорираше повеќекратни повици да ја усогласи својата надворешна политика со онаа на ЕУ и да воведе санкции кон Русија, оправдувајќи го тоа со блиски односи и зависност од руските извори на енергија, но призна дека во одреден момент ќе мора да се согласуваат со меѓународните барања.