21 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Здружението на судии на Република Северна Македонија соопшти дека внимателно ги следи сите настани поврзани со приведувањето на судија од Апелациониот суд во Скопје и изрази целосна поддршка за надлежните институции во борбата против организираниот криминал и корупцијата, вклучително и на највисоките нивоа во општеството.
Од Здружението нагласуваат дека очекуваат истрагата да биде темелна, прецизна и транспарентна, со цел утврдување на сите релевантни факти и околности, како и евентуална инволвираност на други лица, доколку таа постои. Притоа, се потенцира потребата од неселективен пристап и целосно почитување на законските процедури.
„Во случај на докажана корупција, јасно и недвосмислено се оградуваме од секој корумпиран судија или носител на судска функција кој со своето незаконско постапување го нарушува угледот и интегритетот на судскиот систем“, соопштуваат од Здружението на судии.
Во исто време, тие предупредуваат дека ваквите поединечни случаи не смеат да се генерализираат и да се поврзуваат со судиите кои чесно, професионално и одговорно ја извршуваат својата функција, а кои, како што наведуваат, претставуваат огромно мнозинство во судството. Здружението бара целосна заштита на угледот и достоинството на чесните судии и воздржаност од генерализации кои дополнително ја поткопуваат довербата на граѓаните во правосудниот систем.
Според Здружението, принципиелен и одговорен пристап во борбата против корупцијата треба да се применува и кон сите други општествени чинители и функционери склони кон коруптивно однесување, бидејќи токму таквите појави со години придонесуваат за губење на довербата на граѓаните во институциите и системот во целина.
„Како здружение остануваме посветени на јакнењето на владеењето на правото, независноста и интегритетот на судството, како и на враќањето на довербата на граѓаните во правдата и институциите“, порачуваат од Здружението на судии.
Во соопштението дополнително се потенцира дека при секоја постапка мора строго да се почитува уставното начело на пресумпција на невиност, како еден од темелните принципи на правната држава. Од Здружението апелираат дека во вакви моменти не е потребен сензационализам, ниту од органите на прогон, ниту од политичките структури, туку достоинствен, неселективен и отчетен пристап со целосно почитување на човековите права и европските вредности кон кои се стреми државата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

