Загрижувачки тренд: Младите го напуштаат земјоделството и државата
Македонското земјоделство се наоѓа пред сериозна криза – младите масовно се откажуваат од оваа гранка, а истовремено заминуваат од земјата. Ова го истакна Бојан Ѓорѓиевски, претседател на Здружението на производители на свежо месо „Македонско прасе“, во гостување на ТВ „21“, нагласувајќи дека доколку не се преземат итни мерки, земјата ќе се соочи со драстичен пад на производството.
„Младите не сакаат да се занимаваат со земјоделство – тоа е најголемиот проблем. Сè повеќе се иселуваат, и сè помалку остануваат тука да работат. Државата треба да покаже дека се грижи за оние што останаа. Не бараме да бидеме платени повеќе од другите, туку соодветно. Не очекувам пораст на производството во иднина – можеби ќе успееме само да го одржиме тековното ниво, но поверојатно е дека ќе паѓа“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој предупреди и на други предизвици: појавата на нови болести кај животните, како и доцнењето со исплата на субвенциите, што дополнително го отежнува опстанокот на земјоделците.
Сепак, Ѓорѓиевски нагласи дека македонското месо кое го произведуваат домашните фармери останува здраво и безбедно за консумација.
„Според Агенцијата за храна и ветеринарство, месото од домашните производители е квалитетно и безбедно. За разлика од некои увезени продукти со сомнителен рок и потекло, ние сме една од ретките земји во светот каде што сè уште се јаде свежо, природно хрането месо. Целиот процес – од фарма, преку кланица, до месара – е под постојан надзор на инспектори“, додаде тој.
Земјоделството е една од основите на економијата, а алармантните сигнали од терен укажуваат дека е потребна стратегија за задржување на младите и заштита на домашното производство.