Заем во темница: Владата не кажува колку ќе платиме камата
Во време кога јавниот долг веќе сериозно ги оптоварува фискалните капацитети на Северна Македонија, Владата потпишува нов меморандум за заем од дури 6 милијарди евра, но и покрај големината и важноста на оваа сума – точната каматна стапка сè уште не е позната. Она што е уште поалармантно, е објаснувањето на министерката за финансии Гордана Кочовска дека "нема конкретен проект", па оттука не може да се знае ниту цената по која ќе го вратиме долгот. Овој вид на објаснување претставува сериозна институционална несериозност, а со тоа и уште посериозен демократски дефицит.
Заемот има рок на отплата од 10 години. Притоа, Владата на Обединетото Кралство ќе гарантира за навременото враќање на средствата од страна на нашата држава до британските комерцијални банки. Но што значи тоа за нас, граѓаните? На кратко – обврска без цена, ризик без пресметка.
Колку ќе не чини каматата? Ќе биде ли 2%? 5%? Или повеќе? Ќе биде ли фиксна или променлива? Ќе се базира ли на пазарни услови или на некоја специфична формула? Одговори нема. И тоа не само што е неприфатливо, туку е и опасно. Потпишување на меморандум без дефинирани финансиски услови за ваков обемен заем претставува акт на финансиска несериозност и крие потенцијални долгорочни последици по економската стабилност на државата.
Дополнителна магла околу договорот доаѓа од ветувањата за идните проекти: железничка врска кон Бугарија, болници во Штип и Кичево, нов клинички центар во Скопје. Но, сето тоа сè уште е на ниво на намера, без јасна динамика, документација или буџетски проекции. И додека министерката и останатите функционери зборуваат за "идни капитални инвестиции", народот има полоѓена сметка, но не и фактура.
Сцената во Лондон со претставникот на Стопанската комора кој носи британска шапка како симболична поддршка, изгледа симпатично, но всушност претставува одвраќање од клучното прашање: кој ќе ја плати сметката? А одговорот, како и секогаш, е – граѓаните.
Немањето транспарентност и одговорност при преземањето вакви долгови ги остава институциите под сомнеж, а граѓаните во неизвесност. Довербата во системот се гради со податоци, со отворени договори и со учество на јавноста, а не со мистериозни меморандуми и нејасни ветувања.
Ако ова е новата стратегија за развој – кредити без план и камата без број – тогаш државата ја движиме во магла, а маглата никогаш не била добар патоказ.