04 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Политичката партија Вреди објави дека поседува информации според кои поранешниот премиер Никола Груевски ја напуштил Македонија со автомобил во сопственост на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Дополнително, од Вреди тврдат дека актуелниот вицепремиер за европски прашања, Бујар Османи, се сретнал со Груевски во Будимпешта.
Според соопштението, Османи не само што престојувал во унгарската престолнина со своето семејство, туку и приватно се сретнал со бегалецот од македонското правосудство.
„Обидот на Османи да се сокрие зад изговори за ‘класифицирани информации’ и подоцна да ја негира средбата на Фејсбук е доказ за неговата дволичност. Вистината е јасна – средбата се случила, а доказите наскоро ќе бидат објавени пред јавноста“, стои во изјавата.
Од Вреди потсетуваат дека Министерството за внатрешни работи во минатото имало сомнежи дека ДУИ активно помогнала во бегството на Груевски. Автомобилот на Али Ахмети, според нив, бил задржан цел ден во полициска станица бидејќи се верувало дека токму со него поранешниот премиер бил изнесен од државата.
„Граѓаните треба да знаат дека зад сите лаги и манипулации стои една вистина: Бујар Османи и ДУИ се најважните соработници на Никола Груевски и неговата мрежа. ДУИ беше верен партнер на Никола Груевски и Сашо Мијалков и останаа верни до денес“, се наведува во соопштението од Вреди.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден