20 јули 2025
• од Станча Јаќимовски
Катерина Нурџиева, внука на македонскиот револуционер Гоце Делчев, открива контроверзни детали од историјата на Македонија поврзани со првиот премиер на Народна Република Македонија — Методи Андонов – Ченто. Во своите сведоштва, таа истакнува дека лично била негов секретар и дека одблиску ги познава неговите ставови и борба.
Според Нурџиева, Ченто бил остар противник на идејата Македонија да стане дел од Федеративна Југославија. Наместо тоа, неговата визија била Македонија да се приклучи кон Бугарија — став кој, според неа, го чинил слобода и репутација.
„Секретар бев на првиот премиер Методи Андонов – Ченто. Ова може да го провери само тој и јас. Го обвинија затоа што неговото гледиште беше Македонија да премине не кон Федеративна Југославија, туку кон Бугарија“, вели Нурџиева.
Заради тие ставови, Ченто бил осуден на 11 години затвор, од кои, како што нагласува Нурџиева, одлежал девет. „Умре човекот, измачуван и заборавен од оние за кои се бореше“, додава таа.
Нурџиева вели дека поседува снимки и документи поврзани со тие настани, и дека преку своите книги се обидува да ја раскаже вистината. Таа е авторка на две дела: „Голготата на Гоцевата внука Катерина“ и „Воздушките на Гоцевата внука“, кои се читаат и во Америка, според неа.
„Имам филмови, имам две книги. Прочитајте ги. Тоа е мојата вистина, вистината на оние кои беа заборавени или погрешно прикажани во историјата“, вели Нурџиева.
Нејзините тврдења отвораат простор за нови интерпретации на македонската историја и политичките турбуленции по Втората светска војна. Ликот на Методи Андонов – Ченто, прв премиер и политички маченик, продолжува да предизвикува поделени мислења — а сведоштвата како оние на Нурџиева придонесуваат да се разгледаат сите страни на историската вистина.
Костова: Народот тоне во сиромаштија, ВМРО-ДПМНЕ со очајни економски резултати