26 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
ВМРО–Народна партија изрази силна загриженост поради, како што наведуваат, „помпезното одбележување на Битката кај Зебрњак“, прослава која, според партијата, ја надминала по обем и значење државната свеченост за Денот на македонската револуционерна борба.
Во партиското соопштение се нагласува дека прославата на Битката кај Зебрњак, по која следела окупацијата на Македонија и започнала 23-годишната српска управа над земјата, оваа година била одбележана со невидена помпа и многу поголема манифестација од онаа за 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.
Покрај тоа, од партијата реагираат што, како што велат, бројот на настани посветени на одбележување на „српската окупација на Македонија“ веќе ги надминал државните празници. Тие потсетуваат дека секоја година со средства од македонскиот буџет се организираат манифестации за битките кај Кајмакчалан, Брегалница, Зебрњак, Удово, Рамне и „денот на победата“ во Битола.
ВМРО–Народна партија дополнително изразува револт поради, како што наведуваат, ширење омраза, реваншизам и шовинизам на тие прослави. Во соопштението се посочува дека на настаните се слушале навреди кон Турците, Бугарите, Албанците и муслиманите, а Македонија често се нарекувала „стара и јужна Србија“, додека Македонците биле претставувани како „Срби кои биле ослободени“.
Партијата особено реагира и на користењето на изразот „браќа северномакедонци“ кој, според нив, претставува нов обид за промена на македонскиот идентитет и дополнително понижување на народот.
На крајот од соопштението, ВМРО–Народна партија ја повикува Владата предводена од ВМРО–ДПМНЕ да стави крај на, како што велат, „понижувачкото виткање на кичмата“ и на „понижувањето на македонскиот народ“.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

