македонија12 февруари 2025 ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН разговарале за промена на државниот грб?
Владејачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН водат разговори за можната промена на државниот грб. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека ова прашање е отворено, истакнувајќи дека Македонија е една од двете пост-социјалистички земји кои сè уште го користат стариот државен грб со мали модификации.
Идејата за промена на грбот беше спомената и во 2023 година од универзитетскиот професор Александар Спасеновски. Тој тогаш предложи враќање на дебатата од 2014-2015 година за менување на актуелниот државен грб, проект започнат од претходната влада со согласност од ДУИ. Спасеновски сметаше дека ова може да биде начин за земање предвид на интересите на конзервативниот дел од државата и за постигнување согласност со опозицијата околу уставните измени.
Идејата за промена на грбот потекнува од 2014 година, кога владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски предложи нов дизајн: црвен лав на златно-жолта позадина во форма на штит, со круна во горниот дел во форма на тврдина. Тогашната власт објасни дека Македонија и Белорусија се единствените европски земји со државен грб инспириран од советската хералдика.
ДУИ се согласи со овој предлог, нагласувајќи дека лавот е дел и од албанската традиција и се наоѓа во грбот на градот Тирана, додека круната го претставува Скопското кале.
До 2009 година, Македонија го користеше стариот социјалистички грб, а на 16 ноември 2009 година беше усвоен нов грб, сличен на стариот, но без црвената петокрака.