19 јули 2025
• од Станча Јаќимовски
Политичката платформа ВЛЕН денеска соопшти дека медресата „Иса Бег“ од Скопје, која повеќе од 40 години функционираше без официјално признавање од државата, од септември 2025 ќе стане рамноправна институција во средното образование на Северна Македонија. Оваа одлука следува по одобрувањето на Предлог-законот за верски училишта од страна на Владата.
„Одлуката на Владата да го одобри Предлог-законот е резултат на нашата посветеност кон правни решенија, а не дневна политика. Овој задоцнет чекор ќе стави крај на институционалната дискриминација и ќе им овозможи на младите да продолжат со студии со дипломи што се официјално признати“, соопштија од ВЛЕН.
Од ВЛЕН посочуваат дека новиот закон е изготвен во целосна согласност со Уставот и важечкото законодавство кое им дава право на верските заедници да основаат образовни институции. Процесот, како што наведуваат, бил транспарентен и вклучувал институционални предлози од релевантните министерства.
Во соопштението се истакнува дека одлуката предизвикала ентузијазам и благодарност кај претставниците на Медресата „Иса Бег“ и Исламската верска заедница (ИВЗ), со што се враќа довербата и интересот за запишување во оваа институција.
„ВЛЕН ја гарантира посветеноста да го доведе овој процес до крај со изгласување на законот во Собранието и негова целосна имплементација од оваа учебна година“, нагласуваат од партијата.
Во заклучок, од ВЛЕН порачаа: „За нас, власта е аманет и одговорност кон граѓаните. Ќе продолжиме да бидеме глас на еднаквоста и гарант на правата за секоја институција што припаѓа на албанското наследство и идентитет во Северна Македонија.“
Костова: Народот тоне во сиромаштија, ВМРО-ДПМНЕ со очајни економски резултати