македонија05 октомври 2024 (Видео) Со општински пари отпочна да работи „Академија на науки на Албанците“
На 27 јули како бомба во јавноста одекна веста дека партнерот во Владата, коалицијата „Вреди“, ќе поддржи формирање Албанска академија на науките и уметностите во земјава. Пораката дојде од Тетово, каде на средба со група професори, лидерите на „Вреди“ порачаа дека е време да се покаже интелектуалниот капацитет на Албанците во земјава, пренесува 360 степени.
„Ние нема да губиме време, општините кои во моментов се предводени од коалицијата ‘Вреди’ изразија волја да ја поддржат. Ние ќе ги повикаме сите општини кои се заинтересирани да ја поддржат оваа академија во првата фаза, да ја поддржиме и во меѓувреме, ќе видиме институционално решение, таа да се финансира од државниот буџет“, рече претседателот на Беса и градоначалник на Општина Тетово, Билал Касами (27.07.2024)
Но, не само идејата за државно финансирање, туку воопшто за формирање на втора државна академија на науките и уметностите, паралелно со МАНУ, не наиде на поддршка од другите партнери во владината коалиција. ВМРО-ДМНЕ и ЗНАМ порачаа – не е време за делби.
„Имаме ние Академија на науките и уметностите, во рамките на таа академија се собрани научната мисла и научниците кои се од различна етничка припадност,“ порача премиерот Христијан Мицкоски (28.07.2024)