24 јули 2025
• од Станча Јаќимовски
Вистинска драма се одвивала вчеравечер на улицата „Прохор Пчински“ во Велес, кога патничко возило од типот „Фолксваген“ со радовишки регистарски ознаки удрило во ѕид од куќа, го пробило и завршило во дневната соба на изненадените станари. За среќа, во несреќата нема повредени, но причинета е значителна материјална штета.
Според информациите од Секторот за внатрешни работи Велес, возачот на автомобилот, 23-годишниот Е.В. од Радовиш, по инцидентот побегнал од местото на настанот. Подоцна бил пронајден и приведен од страна на полицијата на улицата „Јордан Џурнов“, каде што било утврдено дека возел под дејство на алкохол со концентрација од 1,92 промили во крвта. Дополнително, Е.В. управувал со возилото без да поседува возачка дозвола.
„На 23.07.2025 година во 19:55 часот, Е.В. е лишен од слобода и задржан во полициска станица. Известен е јавен обвинител, а против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-а од Кривичниот законик – ‘безобѕирно управување со моторно возило’“, информираа од СВР Велес.
Несекојдневниот настан ги вознемири жителите на населбата, а видеото од драматичниот момент наскоро се прошири на социјалните мрежи. Семејството чиишто дом беше оштетен изјави дека се уште се во шок, но благодарни се што никој не е физички повреден. Очекуваат надлежните институции да ја преземат целосната одговорност од сторителот и да се справат со вакви случаи со највисока сериозност.