30 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Вени Марковски роден во Скопје, во време кога градот беше дел од тогашна Југославија, во своја јавна објава поставува директно и провокативно прашање: дали Северна Македонија навистина сака да биде дел од Европската унија?
Повод за ова прашање, како што наведува, е честата појава на патриотски пароли под неговите објави поврзани со европската перспектива на државата. Наместо аргументирана дебата, вели Марковски, често се појавуваат извици од типот „Македонија пред сè“, „Да живее Македонија“ или „Да живее македонскиот народ и македонската држава“.
Според него, суштинското прашање не е во паролите, туку во квалитетот на животот. Марковски отворено тврди дека е подобро Северна Македонија да живее во Европската унија, отколку да мизерува надвор од неа. Тој потсетува дека стотици илјади македонски граѓани веќе со години работат и живеат во земјите на ЕУ – но со бугарски пасоши, а не со македонски, што само по себе е показател за системскиот неуспех на државата.
Во својата анализа, Марковски се навраќа и на периодот на Југославија, повикувајќи ги граѓаните да се запрашаат како живееле нивните родители. Тој потсетува дека истата таа држава сурово ги казнувала оние што јавно извикувале „Да живее Македонија“, испраќајќи ги во затвори и логори како Голи Оток.
Оттука, Марковски поставува низа непријатни, но нужни прашања: зошто тогаш немало масовни протести против србизацијата, против промените во јазикот и азбуката, против апсењата и ликвидациите на луѓе што биле сметани за „вистински патриоти“? Зошто тогаш се молчело, а денес гневот се насочува кон надворешен непријател?
Според него, денешното незадоволство ретко е насочено кон домашните политички елити, иако токму тие ја носат одговорноста за сиромаштијата, застојот и неспособноста на државата да ги започне преговорите со Европската унија. Наместо тоа, вината најчесто се префрла на Бугарија – механизам што, како што сугерира Марковски, е добро познат од минатото.
Заклучокот што го извлекува е јасен: европскиот живот во Северна Македонија нема да дојде со пароли, туку со избор на вистински европски политичари – луѓе кои не само што декларативно зборуваат за ЕУ, туку знаат и како државата да ја однесат таму.
Одговорноста, нагласува тој, е кај гласачите. Тие одлучуваат дали ќе живеат во европската сегашност или ќе останат заглавени во минатото, во кое Македонија била управувана од послушни извршители на туѓа волја.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

