09 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Ивон Величковски во јавна изјава отвора сериозни прашања за врската меѓу борбата против наркотиците и политичките структури во Северна Македонија, оценувајќи дека процесот на денаркотизација е нераздвоив од декартелизацијата на политичкото Скопје.
Во својата анализа, Величковски потсетува дека на територијата на денешна Северна Македонија во XX век постоеле две драстични пресметки со државно спонзорираното или толерираното производство и шверц на наркотици – во 1930-тите и во 1960-тите години. Првиот пат бил прекинат шверцот на хероин, а вториот пат бил искоренет афионот како суровина за дроги кои, под контрола на Белград, се дистрибуирале на глобално ниво. Заеднички именител за двата пресврти, според него, бил силниот притисок од Соединетите Американски Држави.
Величковски укажува дека историското искуство покажува оти контролата врз производството и трговијата со наркотици претставува еден од клучните извори на таканаречени „вонбуџетски“ средства за безбедносните служби. Тие средства, во спрега со политичките раководства, се користат за градење и одржување на олигархиско-картелски врски, кои со текот на времето стануваат извор на реална политичка и економска моќ.
Во тој контекст, Величковски го објаснува и релативно тивкиот медиумски одек во македонските медиуми околу заплената на повеќе од 40 тони марихуана во земјава и дополнителни 5 тони во Србија. Иако, според него, станува збор за историски најголема заплена на марихуана во светот, темата не доби статус на „ударна“ вест. Причината, како што оценува, е јасното сознание дека домашните безбедносни служби не ја водат операцијата ниту во Северна Македонија, ниту во Србија, што ги затекнало и власта и опозицијата во двете држави.
Според Величковски, токму тука политичкото Скопје ја почувствувало опасноста од прекин на долгогодишниот политички картел меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и започнало да бара начини за „санација на штетата“. Во исто време, се избегнува одговорноста за прашањето дали и како безбедносните институции со години го штителе нелегалното производство и шверцот на психотропни супстанци преку свесно негледање и несанкционирање.
Во таа рамка, Величковски потсетува и на претходни оценки на движењето Нова Република, според кои падот на владата на Зоран Заев бил безбедносна операција, тврдење кое тогаш наишло на жестоки критики. Слично, тој очекува и оценката дека внатрепартиските кадровски рокади во ВМРО-ДПМНЕ се дефанзивна операција, пред неизвесноста што ја чувствуваат и Скопје и Белград, да биде предмет на контроверзии.
Клучното прашање што, според него, дополнително се отвора е колку длабоко и колку долго македонскиот партиски картел бил покровител на производството и шверцот на марихуана – во мандатите на најмалку двајца министри за внатрешни работи, двајца директори на АНБ и повеќе министри за здравство. Дека станува збор за огромни суми пари, Величковски заклучува од неколку индикатори: историската количина на запленета марихуана, континуираната незаинтересираност на двете најголеми партии да донесат закон за регулирање на криптовалутите, како и одржувањето на градежниот балон преку кој, според него, се перат нелегални пари.
Тој поставува и низа отворени прашања: колку илјади луѓе се поврзани со овој нелегален бизнис, колкав дел од легалните компании се само покритие, колкави количини со години биле пласирани на црниот пазар и што сè било финансирано со тие средства – од избори, до нелегални влијанија во земјата, соседството и пошироко.
Во регионален контекст, Величковски ги поврзува актуелните заплени со пошироки геополитички процеси, како рушењето на таканаречената „венецуелска врска“ на Балканот и истиснувањето на руското влијание од енергетскиот сектор. Според него, тоа го објаснува и тајмингот на акциите во Србија и Северна Македонија.
На крајот, Величковски оценува дека барањата за „идентитетски гаранции“ во процесот на уставни измени служат како покритие за блокирање на европските интеграции, бидејќи владеењето на правото е првото и суштинско поглавје во преговорите со Европската Унија. Земја во која, како што тврди, владее партиски картел вмрежен со нарко-мафијата, не може да се смета за држава во која навистина владее правото.
Како споредбен пример, тој потсетува на интензивното медиумско и институционално внимание што пред неколку години го добија акциите за уништување на насади со марихуана во албанското Лазарат, по што Албанија забрзано напредуваше кон членство во ЕУ. Наспроти тоа, денес, според него, истите медиуми молчат за лиценцираните и нелиценцираните „лазарати“ во Скопје, Струмица и други делови од земјата.
„Пратениците нека дојдат и пешки – Собранието утре ќе работи“, порача Гаши
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

