12 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Државниот архив на Република Северна Македонија, институција од исклучително национално значење задолжена за заштита на документарното и културното наследство, се соочува со сериозни инфраструктурни, технички и управувачки проблеми. Ова го утврди Државниот завод за ревизија во извештајот за извршената ревизија за 2024 година, во кој се нотира состојба што директно ја доведува во прашање безбедноста и интегритетот на архивскиот материјал.
Архивот функционира преку девет подрачни одделенија – во Скопје, Велес, Тетово, Прилеп, Битола, Охрид, Штип, Куманово и Струмица – но ревизорските наоди укажуваат дека речиси сите депоа не ги исполнуваат основните стандарди за чување архивски материјал.
Според ревизорскиот извештај, архивскиот материјал се чува во влажни, неаклиматизирани простории, делумно и на под, без соодветна заштита и систематска евиденција.
Дел од депоата се лоцирани во непосредна близина на сливни подрачја и речни корита, што не е во согласност со важечките правилници за архивско работење. Електричните инсталации се стари и датираат од времето на изградба на објектите, без соодветно обезбедување. Ѕидовите се испукани од влага и протекување на крововите, а подовите се обложени со дотраен линолеум кој на места е одлепен.
Ваквите услови создаваат реален ризик од трајно оштетување или уништување на документи од историско значење.
Особено загрижувачки се наодите за новиот објект на Архивот, кој, според ревизорите, е во спротивност со стандардите за архивско работење.
Во административните простории нема елементарни услови за работа: архивистите обработуваат документација стара и по неколку векови во простории без прозорци, односно без природна светлина и вентилација. Системот за вентилација не е изведен според меѓународните стандарди за архиви, библиотеки и музеи и наместо да го подобрува, го влошува квалитетот на воздухот, ширејќи штетни честички од депоата во работните простории.
Дополнително, објектот не располага со помошни противпожарни скали за евакуација во случај на пожар, поплава или земјотрес, што претставува сериозен безбедносен пропуст.
Во повеќе подрачни одделенија уредите за мерење температура и влажност (термометри, хигрометри) се застарени или нефункционални, а во некои воопшто ги нема. Клима-уредите се поставени, но не работат. Дел од архивските складишта немаат никаква заштита од сончева светлина (завеси, ролетни или заштитни капаци).
Депоата формално се опремени со систем за рано откривање и дојава на пожар, но тие не функционираат. Во дел од објектите нема ниту алармни системи за неовластен пристап, а чуварската служба работи само во една смена.
Особено алармантна е состојбата со информатичката инфраструктура. Архивот користи компјутерска апликација за обработка и евиденција на фондовите која датира од периодот 1996–1998 година. Софтверот е компатибилен само со стара опрема, додека новите персонални компјутери не ја поддржуваат апликацијата. Поради застареноста на системот постои реален ризик од трајно губење на внесените податоци. Во одредени одделенија податоците се водат во „Word“ документи поради дефекти на компјутерите.
Ревизијата утврдила дека дел од имотот со кој располага Архивот не е прикажан во пописите. Во пописните листи не се пресметува вредноста на средствата, туку се наведуваат само нивните називи. Не е извршен попис на земјиштето, градежните објекти, стоките на залиха (вклучително и публикувани изданија во магацин) и книгите во библиотеките.
Ова укажува на сериозни слабости во финансиското управување и интерната контрола.
Ревизорите констатирале неправилности и во спроведувањето на јавните набавки:
Ваквиот начин на постапување укажува на несоодветна примена на Законот за јавни набавки и нарушување на начелата на економичност, ефикасност, транспарентност и конкуренција.
Ревизијата нотира и недоволен број вработени, нереализирани унапредувања и ангажирање лица на определено време, што негативно влијае врз квалитетот на извршување на основната дејност.
Дополнително, утврдени се неправилности во остварувањето на приходите, давањето попусти и подароци, како и исплати на надоместоци без законска основа.
Заклучокот на ревизорите е дека институцијата што претставува „историски трезор“ на државата не располага со простор и опрема што ги исполнуваат основните услови за сместување, чување и заштита на архивскиот материјал. Поради застарената опрема и нефункционалните системи, постои висок ризик од нејзино расипување и трајно губење на податоци.
Во прашање не се само административни пропусти, туку потенцијално неповратно оштетување на културното и историското наследство од посебен национален интерес.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

