23 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Еколошкото здружение „Здрава котлина“ утре напладне организира протест против аерозагадувањето во Струмица. Протестот ќе се одржи на крстосницата пред ТЦ „Глобал“, каде граѓаните ќе го искажат својот револт поради, како што наведуваат, долгогодишната институционална негрижа кон проблемот со загадениот воздух.
Во соопштението објавено на нивната фејсбук страница, од „Здрава котлина“ посочуваат дека повторно се принудени да излезат на улица за да реагираат на состојбата со аерозагадувањето, која, и покрај бројните ветувања од надлежните, не бележи подобрување.
„Властите се менуваат. Функциите се менуваат. Но едно нешто останува исто: ние и понатаму дишеме отров. Со години слушаме ветувања за ‘чист воздух’, ‘стратегии’, ‘мерки’ и ‘планови’. А што добивме? Ништо. Молк. Институционална негрижа“, се наведува во повикот за протестот.
Од здружението предупредуваат дека состојбата особено во јужниот дел на градот е алармантна, при што граѓаните се изложени на високи концентрации на ПМ честички, што претставува сериозна закана за јавното здравје.
„Ги повикуваме сите граѓани – родители, млади, пензионери, работници, студенти – да излеземе во што помасовен број и заедно да кажеме: стоп на аерозагадувањето, стоп на трујачите, стоп на институционалната негрижа, крај на воздушната апокалипса и најгласно ‘уааa’ за инспекторите и институциите кои со години не си ја вршат работата“, порачуваат од „Здрава котлина“.
Мотото на утрешниот протест е: „Излези. Застани. Зборувај за себе. За своите деца. За здравјето. За иднината“.
Инаку, ова не е прв ваков протест во организација на „Здрава котлина“. Здружението и минатата година, во февруари и јули, организираше два протести со истата цел – укажување на сериозноста на проблемот со аерозагадувањето и барање итни и ефикасни мерки од надлежните институции.
ССМ излегува на улица на 28 јануари, ќе се бара минимална плата од 600 евра
Бугарија привлекува нова голема инвестиција: 10 милиони евра за фабрика во Бургас
77 милиони денари за храна во Идризово, студентите добиваат трипати помалку
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

