УНИЦЕФ: С. Македонија останува без деца – пад од 18% и аларм за иднината
Според најновата анализа на УНИЦЕФ за состојбата на децата и адолесцентите во Македонија, која беше презентирана во Собранието и ја пренесе „Дојче веле“, бројот на деца во земјата се намалил за значителни 18 проценти во периодот од 2011 до 2023 година. Дополнително, земјата бележи ниска стапка на фертилитет од само 1,5, што укажува на сериозен тренд на опаѓање на населението.
Анализата покажува и зголемена урбанизација – денес 63 проценти од децата живеат во урбани средини, но и покрај тоа, основните услуги сè уште не се прилагодени на ваквите демографски промени. Македонија се соочува и со континуирана негативна нето миграција, со околу 1.000 повеќе иселеници отколку доселеници годишно, освен за време на ковид-пандемијата. Ова дополнително го намалува капацитетот за задоволување на растечките потреби на населението, особено на децата и најранливите групи.
УНИЦЕФ алармира дека јавните инвестиции во клучните сектори за децата, како што се образованието, здравството и социјалните услуги, остануваат под просекот на ЕУ и регионот. Во моментот, Македонија троши 4,8 проценти од БДП за здравствена заштита (наспроти 7% во ЕУ), 4,2% за образование (спроти 4,8% во ЕУ) и само 1,5% од БДП за социјална заштита, што е под просекот и на земјите од Западен Балкан и на земјите со понизок среден приход. Особено загрижува фактот што трошењето за социјалните услуги во 2019 година било минимално – под 0,1% од БДП.
Кога станува збор за сиромаштијата, децата се најпогодени: 32,7 проценти од децата живеат под прагот на сиромаштијата, наспроти 23% од општото население. Кај ромските деца оваа бројка достигнува алармантни 79%. И покрај тоа, социјалната помош останува ограничена – само 1,3% од БДП оди за таа намена, а само 22,6% од домаќинствата со деца од 0 до 15 години добиваат детски или семеен додаток, што е многу помалку во споредба со 88,4% во ЕУ.
Насилството врз децата, вклучително и новите форми како онлајн насилството и технолошки олеснетото насилство, е широко распространето. Дури 73% од децата се изложени на насилно дисциплинирање во домот, а физичкото казнување и психолошката агресија се повисоки кај момчињата, ромските деца и децата со попреченост. Врсничкото насилство исто така претставува сериозен проблем – 19% од учениците се соочуваат со малтретирање. Дополнително, стапката на детски бракови изнесува 8%, но е особено висока кај девојчињата Ромки (45%), како и кај оние од семејства со ниско образование и социоекономски статус.
Овие податоци јасно укажуваат дека потребни се итни мерки и зголемени јавни инвестиции за да се подобри состојбата на децата во Македонија и да се обезбеди нивна заштита, образование и здравствена грижа, како и еднакви можности за сите, без оглед на етничката или социоекономската припадност.