26 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Обврската за пријавување и оданочување на доход остварен во странство не е нова мерка и не претставува ретроактивна примена на законот, соопшти Управата за јавни приходи (УЈП). Станува збор за законска должност што постои со години и е усогласена со домашното законодавство, како и со меѓународните договори што државата ги има ратификувано.
Во контекст на најавениот протест во Куманово, од УЈП порачуваат дека институцијата има обврска да обезбеди еднаква примена на законите за сите граѓани. Според Законот за данок на личен доход, секој даночен резидент е должен да го пријави и оданочи вкупниот светски доход во државата каде што има резидентен статус, принцип кој, како што наведуваат, е универзално прифатен во сите современи даночни системи.
Од Управата истакнуваат дека фактот што во минатото оваа обврска не била доследно контролирана не значи дека таа не постоела. Потенцијалните пропусти, како што се наведува, се резултат на претходни раководни структури и не можат да бидат оправдување за непочитување на важечките законски норми.
УЈП признава дека кај дел од граѓаните постои загриженост поради недоволна информираност за законските обврски, но уверува дека постапката се спроведува транспарентно и со јасни насоки. Пријавувањето, доставувањето документација и поднесувањето на пресметките, како и плаќањето на данокот, може да се извршат електронски, без потреба од физичко присуство во службите.
Известувањата што ги добиле граѓаните, според УЈП, не се казнени, туку претставуваат повик за појаснување и утврдување на фактичката состојба, како и можност за доставување докази со цел точно определување на даночната обврска.
Посебно се нагласува дека нема да има двојно оданочување за лицата кои веќе платиле данок во странство. Согласно законските решенија и договорите за избегнување на двојно оданочување, платениот данок може да се признае како даночен кредит или да биде вратен, врз основа на соодветна документација. Граѓаните кои сметаат дека им се повредени правата, имаат можност да ги користат сите редовни правни средства.
Од Управата додаваат дека навременото пријавување на доходот е важно не само од фискален аспект, туку и за спречување на стекнување имот од неоданочени средства и за обезбедување правичност во користењето на јавните добра и социјалните права.
„Лицата кои остваруваат доход од странство, а не го пријавуваат, системот не ги препознава како активни даночни обврзници, што создава нерамноправност во однос на оние кои редовно ги исполнуваат своите обврски“, наведуваат од УЈП, додавајќи дека буџетските средства се наменети за сите граѓани и секој треба да учествува во нивното полнење согласно закон.
На крајот, Управата за јавни приходи порачува дека останува цврсто посветена на принципот на еднаквост пред законот и на обезбедување фер и праведно оданочување за сите.
УЈП испрати околу 10.000 покани за пријавување доход остварен во странство
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

