Трпковски за трагедијата во Пулс: Од противпожарна гледна точка – никакви услови за работа!
Бобан Трпковски, инструктор за заштита од пожари, гостувајќи денеска во „Daily Click“ на ТВ21, остро ја критикуваше безбедносната состојба на дискотеката Пулс во Кочани, каде што во голем пожар трагично загинаа 62 лица. Според него, објектот не исполнувал буквално никакви услови за работа од противпожарна гледна точка.
„Видовме колку брзо пламна сето тоа. Стручно кажано, кога пожарот ќе избие во таванската просторија или зоната на висок притисок, тој многу брзо се шири на таванот. Затоа имаме толкав број на повредени и загинати. Да не зборуваме за влезовите и излезите – колку треба да има и каде треба да бидат поставени“, рече Трпковски.
Тој појасни дека причината за пожарот, според досегашните информации, е пиротехника, но најлошата компонента биле леснозапалливите материјали вградени во објектот. „Од мои колеги слушнав дека многу од жртвите биле пронајдени во санитарните простории, каде што се обиделе да се спасат, но таму не изгореле, туку се задушиле. Тоа е јасен знак колку брзо може да се настрада од вакви ситуации.“
Трпковски потенцираше дека доколку објектот бил изграден по стандарди, со соодветни материјали и противпожарна опрема, ситуацијата можела да биде многу поинаква. „Алармите за пожар мора да се активираат најдоцна во 5-тата до 14-тата секунда. Доволно е само алармот да им каже на луѓето дека треба да почнат да излегуваат. Од снимките гледаме дека некои сè уште се забавувале на сцената, не ја сфатиле сериозноста на ситуацијата.“
Тој заврши со предупредување дека современите материјали значително го намалуваат времето за евакуација. „Порано, пред 40 години, кога имавме други материјали, огнот се ширеше за 15 до 17 минути. Сега, со новите материјали што ги вградуваме во дневните соби и становите, потребни се само 3 до 5 минути за целосно да изгори просторот“, предупреди Трпковски.