12 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, од денешниот протест пред Стопанската комора порача дека понудата за зголемување на платите сè уште е на маса, но предупреди дека доколку не се постигне договор, следниот чекор ќе биде генерален штрајк.
Трендафилов истакна дека синдикатот нема да се повлече и покрај, како што рече, притисоците врз работниците да не присуствуваат на протестите. Тој обвини дека се вршат закани и притисоци кон вработените, со цел да се намали поддршката за синдикалните активности.
„Тука сме пред газдите кои одбиваат да ја зголемат минималната плата и останатите плати, повикувајќи се на тоа дека законот не е изменет. Владата, пак, вели дека се договорила со своите вработени и ги остава работодавачите да бидат виновни за евентуалниот генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор“, изјави Трендафилов.
Тој нагласи дека сериозен проблем претставува недозволувањето синдикално организирање во значителен дел од приватниот сектор. Според него, само мал број работници активно се борат за повисоки плати и подобри услови, што ја ослабува заедничката позиција на вработените.
Во своето обраќање, Трендафилов испрати порака дека никој во државата не смее да се плаши поради учество на протест или барање за подобри услови за живот. Тој посочи дека објавување или евидентирање на луѓе кои присуствуваат на протести претставува недозволив притисок.
Претседателот на ССМ им се обрати и на работодавачите со конкретна понуда – зголемување на платите на сите работници за најмалку 6.000 денари. Како дел од решението, предложи државата да ги покрива придонесите за тие зголемувања, со цел да се олесни товарот за компаниите.
„Понудата е уште на маса. Но следниот пат нема да дојдеме со понуда, туку со генерален штрајк кој ќе ги чини многу повеќе од нашите работнички плати. Само еден ден затворање на компаниите, институциите и државата ќе ја чини државата повеќе од целогодишно зголемување на платите“, предупреди Трендафилов.
Синдикатот најавува дека во наредниот период ќе продолжи со активности за остварување на своите барања, оставајќи простор за договор, но и најавувајќи порадикални чекори доколку не дојде до компромис.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

