27 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, остро ги критикуваше дел од македонските бизнисмени поради нивниот однос кон работниците, ниските плати и постојаните жалби за недостиг на работна сила.
Во своето обраќање, Трендафилов посочи дека дел од газдите кои повеќе од три децении се активни во стопанството, сега се жалат дека нема кој да работи, но забораваат дека токму нивниот однос довел до тоа.
„Газди кои 30+ години се активни чинители во државата, кукаат дека нема работна сила, дека без поддршка од државата не можат да ги зголемат платите, бесрамно лажат дека немаат профит и дека ако се зголемат платите ќе се затворат компаниите. Истите тие кои ги избркаа работниците во изминатите 30 години, кукаат и не се срамат,“ порача Трендафилов.
Тој додаде дека не е изненадувачки што ниту странските, ниту домашните увезени работници не остануваат подолго од неколку месеци во Македонија, бидејќи „за мизерна плата никој нема да остане“.
Трендафилов откри дека според пресметките по сектори од Централниот регистар, компаниите имаат значителен профит по еден вработен. Според него, овие бројки го побиваат аргументот дека нема простор за зголемување на минималната плата.
Тој нагласи дека со секое зголемување на минималната плата, бројот на затворени фирми опаѓа, а бројот на новоосновани компании расте, што е јасен показател дека подобрувањето на работничките права не ја загрозува економијата, туку ја поттикнува.
Трендафилов предупреди дека доколку не се преземат конкретни чекори за зголемување на платите, Македонија ќе се соочи со уште поголем одлив на работна сила по јануари 2026 година.
„Нив не ги загрижува тоа што ќе има уште помалку работници, затоа што за попристојна плата нема да треба да се оди далеку – туку со лична карта преку граница, на неполни 100 километри. Во Србија минималната плата ќе биде 550 евра, во Албанија повеќе од 500 евра,“ изјави претседателот на ССМ.
На крајот, Трендафилов порача дека синдикатите нема да останат неми доколку барањата на работниците не бидат исполнети.
„Се прашувам што ќе ги загрижи повеќе — барањето за зголемување на платите или 24-часовен генерален штрајк во Македонија, за кој ќе бидат самите виновни,“ порача тој.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

