01 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Потпретседателката и пратеничка на СДСМ, Јована Тренчевска, порача дека зголемувањето на минималната плата на 600 евра е неопходна политичка одлука во услови на висока инфлација и јасни барања од работниците, со цел обезбедување достоинствен и хуман животен стандард. Таа ова го истакна во интервју за емисијата „Тема на денот“ на телевизија Сител.
Тренчевска нагласи дека предлогот на СДСМ за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, кој е поднесен во Собранието, не значи напуштање на постојниот модел за усогласување на платите. Напротив, станува збор за нужна интервенција како одговор на реалните економски услови и секојдневните трошоци со кои се соочуваат граѓаните.
„Не зборуваме за укинување на методологијата, туку за политичка одлука со која државата ќе интервенира за подобрување на животниот стандард. Иако официјалната инфлација е околу 4 проценти, реално цените во маркетите растат многу повеќе. Во такви услови, владата не смее да се повлече и да го остави дијалогот само помеѓу работниците и работодавачите, бидејќи е јасно дека договор за минималната плата тешко се постигнува“, истакна Тренчевска.
Според неа, сегашната минимална плата не овозможува достоинствен живот. Таа потсети дека синдикалната потрошувачка кошничка во декември 2025 година изнесувала 66.413 денари, што значи дека на едно семејство му се потребни речиси три минимални плати за да ги задоволи основните егзистенцијални потреби.
„Со минимална плата од 24.379 денари, часот на работникот вреди 138 денари, односно околу 2,2 евра. Дневницата за осум часа работа изнесува околу 1.100 денари. Прашањето е дали со тие средства може да се обезбеди пристоен и човечки живот за едно семејство. Одговорот е јасен – не може“, рече Тренчевска.
Осврнувајќи се на реакциите на дел од работодавачите дека зголемувањето на минималната плата може да доведе до отпуштања или затворање на фирми, Тренчевска потсети дека слични стравувања постоеле и при претходните зголемувања, но тие не се оствариле.
„И во 2022 година, кога минималната плата беше зголемена на 18.000 денари, имаше исти најави. Но ниту една фирма не затвори, ниту беше загрозен профитот. Со соодветни законски измени и државна поддршка, особено за малите и средните претпријатија во делот на придонесите, овој процес може успешно да се спроведе“, нагласи таа.
На крајот, Тренчевска потсети дека СДСМ уште од доаѓањето на власт континуирано работи на зголемување на платите, дури и во периоди на сериозни економски кризи.
„Како Социјалдемократски сојуз имаме легитимно право и обврска да ги поддржиме работниците и нивните барања. Поддршката на работничките права и синдикатите е една од нашите клучни идеолошки вредности“, порача Тренчевска.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

