24 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Потпретседателот на СДСМ, Александар Трајановски, оцени дека актуелната власт ја доведува државата во длабока економска, финансиска и политичка криза, што, според него, неминовно води кон распишување предвремени парламентарни избори. Во гостување во емисијата „Трилинг“, Трајановски истакна дека наместо реални резултати, власта се обидува да го пренасочи вниманието на јавноста преку медиумски напади и притисоци врз опозицијата.
„Линчот што го трпиме како партија од страна на власта и дел од провладините медиуми сериозно ја нарушува новинарската етика. Постојано сме под напад, а јавноста се одвлекува со дегутантни теми, наместо со суштинските проблеми. Фокусот е насочен кон личности, бидејќи власта нема што конкретно да им понуди на граѓаните“, изјави Трајановски.
Според него, ваквиот пристап има за цел да ја прикрие неспособноста на власта да управува со економијата и да испорача резултати. Тој предупреди дека државата се соочува со сериозна економска и финансиска нестабилност, што е видливо преку најавите за синдикални протести, застојот на минималната плата, како и блокадата на финансиските текови.
„За првпат во историјата, трезорот беше затворен на 15 декември, што значи дека нема меѓуинституционални плаќања. Буџетската дупка достигнува околу 2 милијарди евра, а враќањето на ДДВ кон компаниите, во износ од 120 до 150 милиони евра, е сериозно забавено или запрено. Ова јасно укажува дека власта е во безизлезна ситуација“, нагласи Трајановски.
Тој оцени дека ваквата состојба ја турка државата и во политичка изолација, особено на европскиот пат. Според него, постои реална опасност земјата да го изгуби вниманието и интересот на Европската Унија.
„Ризикуваме да станеме паралелен играч, надвор од интегративниот процес, што е едно од најопасните сценарија за државата“, рече Трајановски.
Како дополнителен проблем ја посочи надворешната политика на власта, која, според него, придонесува за продлабочување на изолацијата преку отворање конфликти со соседите и отсуство на суштински дијалог.
„Обновуваме проблеми со Грција, имаме сериозен конфликт со Бугарија, а односите во регионот се дополнително комплицирани. Наместо отворање стари и затворени прашања, потребен е дијалог, стабилност и јасна ориентација кон Европската Унија“, заклучи Трајановски.
ССМ излегува на улица на 28 јануари, ќе се бара минимална плата од 600 евра
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

