24 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Народната изрека „на еден да му се стемни, за на друг да му се раздени“ добива буквално значење кога ќе се погледнат урбанистичките одлуки на Општина Тетово, пренесува Телма. Жителка на градот останала без дневна светлина во својот дом, откако нејзиниот сосед изградил објект веднаш до нејзиниот прозорец – и тоа со одобрение од надлежните институции.
Живка Велјановска од Тетово сведочи дека општинските служби прво го одбиле барањето на соседот за градба, но подоцна ја смениле одлуката и го одобриле проектот. Новата градба, која е подигната буквално до нејзината куќа, ја оставила без природна светлина во една од собите.
„Во собата немам ниту зрак природна светлина. Објектот е нацртан и изграден веднаш до прозорците“, изјавила Велјановска за Телма.
Таа тврди дека институциите носеле контрадикторни решенија и дека веќе со месеци се обидува да добие правична реакција. Според неа, не било почитувано минималното законски пропишано растојание меѓу објектите, а прозорците на нејзиниот дом се целосно блокирани.
Велјановска шест месеци чека одлука од Управниот и Вишиот управен суд, надевајќи се дека ќе се утврди дали издадената дозвола е законска.
„Се соочуваме со неправда и постојани проблеми со соседот. Инспекции и полиција сме викале, но никој не реагира“, додава таа.
Од Општина Тетово и Министерството за транспорт и врски тврдат дека документацијата е во целост усогласена со Законот за општа управна постапка и дека постапките биле спроведени согласно законските процедури. Нивните служби засега не гледаат неправилности во одобрението за градба.
Случајот и понатаму се наоѓа во институционална постапка, а Велјановска чека судска разврска со надеж дека ќе го врати она што за секој граѓанин е основно – природната светлина во својот дом.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

