03 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Пред Основниот кривичен суд во Скопје денеска се одржа рочиште за случајот против Зоран Јованов, татко на Васил Јованов, кој е обвинет за „загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средства“. Тој пред судечкиот совет изјави дека не се чувствува виновен и дека не разбира што точно му се става на товар.
Обвинителот Александар Марковски посочи дека преку родителска попустливост, Јованов придонел да се создаде опасната состојба во која неговиот син, возејќи автомобил без возачка дозвола и под дејство на алкохол, усмрти пешак.
„Факт е дека љубовта на таткото кон синот единец резултирала со пропустливост, поради која тој се оддал на пороци,“ рече Марковски, нагласувајќи дека обвинителството ќе докаже оти токму таткото придонел за создавање на ризичната ситуација.
Иако Јованов не бил претходно во судир со законот и има кариера како офицер во македонската Армија, обвинителот нагласи дека предмет на судењето не е неговата професионалност, туку неговата улога како родител.
Адвокатот на обвинетиот, Сашко Дуковски, го оцени обвинението како правно неосновано. Тој најави дека ќе бара детално образложение за секој поднесен доказ и додаде:
„Се работи за правен преседан незабележан во македонската правна историја – да се товари татко за дејствија сторени од неговиот полнолетен син.“
Рочиштето не помина без тензии. Таткото на загинатата Фросина Кулаков, Тодор Кулаков, побара судијката Снежана Марковска да се изземе од предметот, обвинувајќи дека случајот е „наместен“. Поради оваа реакција, тој беше отстранет од судницата.
Дуковски реагираше дека ќе го напушти судењето доколку Кулаков повторно му се обрати директно.
Обвинителниот предлог против Зоран Јованов првично беше за „предизвикување општа опасност“, но подоцна беше изменет во „загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средства“ врз основа на новоприбавени докази.
Случајот произлезе од трагичниот настан во јануари годинава, кога неговиот син Васил Јованов, управувајќи возило без дозвола и под дејство на алкохол, удри во пешакот Фросина Кулакова, која почина на лице место.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден